Алпинизам :

Алпинизам

Алпинизмот претставува највисок степен на достигнување во планинарството. Занимавањето со алпинизам побарува постојана, одлична физичка кондиција, психичка стабилност, големо искуство. Познавање на различни техники на качување со тешки елементи на сува карпа и мраз и други фактори неопходни за сигурно и успешно изведување на качувањето.
Алпинистот се обучува и оспособува во планина да престојува, без оглед на локацијата, на најнепристапниот терен, во било кој дел од светот, во секое годишно време и во најсуровите временски услови (исклучително ниски температури, голема надморска висина и сл.) И покрај тоа, алпинистичките насоки се вреднуваат преку критериумите за категоризација на алпинистот и критериумите за класификација на алпинистичките насоки. Според меѓународните критериуми алпинизмот и Формула 1 се наоѓаат во XII категорија (спортови со највисок фактор на ризик).
Најголема вредност на алпинизмот е во синтезата на физичката сила и духовните вредности. Совладувајќи ги тешкотиите и опасностите, планинарот го потиснува стравот за да ја почувствува слободата и радоста на животот. Во таа сурова борба најдобро ги запознава вредностите на животот.
Дали некој ќе се бави со излетничко планинарење, планинарење во правата смисла на зборот, или со алпинизам, зависи од неговите афинитети, здравјето, материјалните можности и расположливото слободно време. Човек што ги сака планините ќе го одбере она што му причинува најголемо задоволство.